Економија Бензините од ноќеска поевтинуваат за половина денар, дизелот за еден и пол...

Бензините од ноќеска поевтинуваат за половина денар, дизелот за еден и пол денар

(Фото: finance.bigmir)

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,73 отсто, во однос на Одлуката донесена на 31 август годинава.

Според денешната одлука на РКЕ, малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се намалуваат за 0,50 денари за литар и од вечерва на полноќ малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе изнесува 59,50 денари, а малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе биде 61,50 денари за литар. И цената на дизелот се намалува за 1,50 денари, и така, од ноќеска на полноќ, малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) ќе изнесува 50,50 денари за литар, одлучи РКЕ.

За денар ќе биде пониска и цената на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) кое во наредните седум денови ќе се продава за 50,50 денари за литар. Мазутот, исто така ќе поевтини и М-1 НС ќе се продава за 25,956 денари за килограм.

Во изминатиот седумдневен период сите референтните цени на светските берзи во просек бележат намалување и тоа: на бензинот за 3,103 отсто, на дизелот за 5,626 отсто, на екстра лесното масло за 5,358 отсто и на мазутот за 2,497 отсто. Во истиот период курсот на денарот во однос на доларот е понизок за 0,64 отсто.