Македонија Ако сите работат посветено на 5 јуни може да има веродостојни избори,...

Ако сите работат посветено на 5 јуни може да има веродостојни избори, оцени Бејли

Американскиот амбасадор Џес Бејли пред ЕУ-инфoцентарот рече дека добра одлука е тоа што е постигнат договор предвремените парламентарни избори да се преместат и да се одржат на 5 јуни и потенцира дека ако сите работат посветено и играат според правилата, изборите можат да бидат веродостојни и да ја донесат државата до крај на оваа политичка криза.

Одговарајќи на новинарско прашање, што ако една од партиите ги бојкотира изборите, тој рече дека нивниот став е оти сите партии треба да учествуваат на изборите.

На прашањето дали е точно дека за медиумите нема да се преговара, Бејли рече дека реформите и слободата на медиумите се приоритет и се од голема важност за изборите.

– Реформите во медиумите, слободата на медиумите остануваат многу важен дел не само за време на изборите туку и од итните реформски приоритети на Европската унија. Како медиумите и медиумската околина ќе бидат оценети зависи од тоа како сите вие ќе ги покривате овие многу важни избори. Сите вие потпишавте Етички кодекс за тоа како ќе известувате за избрите, и мислам на крајот сепак најважно ќе биде како самите вие ќе ја извршувате вашата работа и ќе им помогнете на македонските граѓани да бидат информирани и да ја согледаат целосната различност на гледиштата – рече Бејли.

Американскиот амбасадор ја пофали работа на Европската унија во преговорите и рече дека соработката меѓу ЕУ и САД во овој процес била многу важна.

Со него пред ЕУ-инфо центарот присуствуваа европратеникот Ричард Ховит и заменик-амбасадорот на ЕУ во Македонија.