Дописници Претстојните празници се продолжение на успешната туристичка сезона во Охрид

Претстојните празници се продолжение на успешната туристичка сезона во Охрид

Локалната самоуправа од Охрид ветува одлична празнична забава, на отворено, на градскиот плоштад Св. Климент Охридски, за новогодишната ноќ.

Меѓу другото, ќе настапат музичките ѕвезди Викторија Лоба и Боби Мојсовски, ансамблот „Билјана јуниор“ и групата „Компас бенд“.

За украсување на градот ќе бидат потрошени 1.180.000 денари. За дочекот на Нова година, со целокупната програма, вклучувајќи ги и естрадните уметници, ќе бидат потрошени уште дополнителни 700.000 денари.

– Очекуваме преполн плоштад на самиот дочек, додека според најавите на туристичките агенции, хотелиерите како и од приватните станоиздавачи, Охрид и оваа година да биде преполн со гости за новогодишните празници. Најголем број од нив ќе бидат од Македонија, но и од соседните држави, пред сè, од Србија, Црна Гора, Бугарија и Албанија, како и од  Полска и од Турција – најави градоначалникот Никола Бакрачески.

Бакрачески смета дека божиќните празници ќе бидат продолжение на годинешната успешна туристичка сезона, со  пораст во бројот на гостите за 11 отсто и на остварените ноќевања за повеќе од 7 проценти.