Македонија Бакрачески ги обвини еколозите дека создаваат погрешна слика за да го нема...

Бакрачески ги обвини еколозите дека создаваат погрешна слика за да го нема Охрид во УНЕСКО

Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, на еколошките асоцијации им припиша политичка пристрасност и обвини дека создаваат погрешна слика за состојбата со заштитеното природно и културно наследство во охридскиот регион, пред телата на УНЕСКО.

– Состојбата е далеку од тој аларм кој сакаат во јавноста да го прикажат некои асоцијации. Истите тие се премногу исполитизирани и имаат преголемо политичко влијание, а многу малку се потпираат на стручни аспекти и изгледа дека тие повеќе сакаат да го нема Охрид во УНЕСКО отколку што навистина се загрижени за заштита на човековата околина – вели Бакрачески.

Бакрачески ова го изјави како одговор на зачестените напади на еколошките здруженија и асоцијации, кои особено жестоко реагираа на плановите за изградба на инфраструктури проекти во Националниот парк Галичица и езерскиот брег.

Меѓу другите, еколозите за ова известија и во Бернската конвенција за заштита на строго заштитени видови кои во Охридско ги има повеќе од 260.

Од друга страна, Бакрачески смета дека со ваквите иницијативи се прави голема штета на Охрид и ги повикува еколошките организации на средба на која аргументирано и стручно ќе се разговара за состојбата со културното и природното наследство на регионот.

Тој очекува дека најавената мисија на УНЕСКО во февруари, која доаѓа на барање на македонската влада, ќе ги расчисти сите дилеми наметнати во домашната и во меѓународната јавност, околу тоа дали е загрозено заштитеното светско наследство во Охридскиот Регион.