Економија Азески: ЦЕФТА договорот е мртов, соседите наместо да соработуваат се случува катастрофа

Азески: ЦЕФТА договорот е мртов, соседите наместо да соработуваат се случува катастрофа

ЦЕФТА договорот е мртов, тоа само треба да се констатира, рече денеска претседателот на Стопанска комора на Македонија, Бранко Азески по средбата со раководството на ВМРО-ДПМНЕ, на која се размениле мислења околу економските прашања од значење за бизнисот.

– Загрижува ЦЕФТА договорот кој паѓа. Секој ден имаме кршење на неговите одредби. Ако претставуваше предворје на ЕУ, преку кое се подготвуваме да влеземе на 28-члениот пазар, не успеавме да го поминеме тестот на шестчлен пазар на Балканот. Осум отсто бележиме пад во разменета изминатиот период, тоа е доволен индикатор дека тој договор е мртов. Тоа треба само да се констатира. Регионот сам и испраќа сигнал на Европската унија дека не е за таму каде што тргнал. Ова што се случува сега со Косово, Србија и Босна и Херцеговина е катастрофа. Наместо да ја интензивираме размената со соседите, остваруваме суфицит со земји како Германија – рече Азески одговарајќи на новинарски прашања.

Тој додаде дека кажал се со податокот дека, размената идната година со Германија ќе достигне над четири милијарди, а со првиот наш сосед имаме 300 милиони евра размена.

Во однос на економијата, Азески потенцираше дека Македонија мора да се стреми кон уште поголема соработка и размена со соседите и да гради сериозен пристап кога се во прашање индустријата, извозот и образованието на кадарот, согласно потребите на пазарот.

Фокусот идната година, според него треба да се стави и врз општините кои, како што истакна, имаат многу ниска инвестициска активност, но и врз малата искористеност на капиталните инвестиции, како и на општата потрошувачка која е многу слаба.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски напомена дека неговата партија секогаш била и ќе остане партнер на стопанските комори во Македонија.

– Економијата оди надоле, граѓаните се се посиромашни и понезадоволни. Голем дел се одлучуваат да ја напуштат државата трајно или привремено. Власта го напушти и пристапот на привлекување странски инвестиции – рече Мицкоски.

Ова е втора средба на Мицкоски со Азески годинава, по првата одржана на 1 март.