Свет Азербејџанските сили собориле ерменски хеликоптер

Азербејџанските сили собориле ерменски хеликоптер

Срушен ерменски хеликоптер во близина на на отцепената територија Нагорно-Карабах

Азербејџанските воени власти соопштија дека собориле ерменски борбен хеликоптер во близина на отцепената територија Нагорно-Карабах, која е контролирана од етнички Ерменци.

Прес-службата на министерството за одбрана на Азербејџан соопшти дека соборениот хеликоптер од типот „МИ-24“, им припаѓал на вооружените сили на Ерменија и дека „се обидел да нападне позиции на Азербејџан“, односно дека било стрелано кон азербејџанските војници, по што тие возвратиле на огнот и го собориле хеликоптерот.

Според властите на самопрогласената област Нагорно-Карабах, кои потврдуваат дека тројца луѓе загинале, хеликоптерот бил во рутинска мисија за обука и не претставувал закана за азербејџанските војници.

Истовремено, собранието на Ерменија денеска не ја признало независноста на областа Нагорно-Карабах, одвоена од Азербејџан, за што гласале само осум пратеници, еден бил воздржан, додека останатите пратеници не гласале.

Конфликтот во оваа област почна во февруари 1988 година, кога управата на автономната област, населена претежно со Ерменци, соопшти дека се одвојува од Азербејџан.