Свет Балкан Автомобил излета во Дунав, од шестмина патници, тројца спасени

Автомобил излета во Дунав, од шестмина патници, тројца спасени

Деветнаесетгодишниот возач е одведен на сослушување, а дежурен обвинител му одредил четириесети осумчасовен притвор

Три лица ги загубиле животите, а три се извлечени од реката Дунав во Белград, денеска, рано наутро, кога автомобил, марка „бмв 325“ излетал и паднал во реката, во близина на ресторан кај Ада Хуја, пренесуваат српските медиуми.

Спасувачките тимови ги извлекле телата на една девојка и на едно момче, додека еден од настраданите, според неофицијални информации, во моментот на несреќата бил во багажникот на автомобилот.

Лицата кои се извлечени од реката, две момчиња и една девојка, на возраст од 18 до 20 години, меѓу нив и возачот на автомобилот, биле со знаци на хипотермија, а еден имал скршеница на левата надлактица.

Деветнаесетгодишниот возач е одведен на сослушување, а дежурен обвинител му одредил притвор во траење од 48 часа.

Според неофицијалните информации на српските медиуми, автомобилот се движел со голема брзина кога паднал во Дунав и завршил на длабочина од пет метри.

Возачот, кој бил и сопственик на автомобилот, немал возачка дозвола, и најверојатно бил под дејство на алкохол, а извршени биле и тестови за присуство на наркотици.