Македонија Авион од Брисел со македонски државјани слетал во Скопје, сите со симптоми...

Авион од Брисел со македонски државјани слетал во Скопје, сите со симптоми одат веднаш на тестирање

Фото: Арбнора Мемети

Патниците во авионот кој слетал во Скопје од Брисел, а кои имаат симптоми на грип ќе бидат однесени на Клиниката за инфективни болести да бидат тестирани ковид-19, додека другите ќе чекаат на аеродромот додека не стасаат резултатите, информира вечерва на прес-конференција министерот за здравство, Венко Филипче.

– На аеродромот во Скопје слета авион од Брисел со наши државјани. Тие што имаат симптоми ќе бидат однесени на инфективна. Додека не стигнат резултатите, останатите ќе чекаат на аеродромот. Дури потоа ќе видиме какви мерки ќе преземеме, дали ќе бидат хоспитализирани, дали ќе има мерки за самоизолација, рече Филипче.

Тој информира дека вкупната бројка на заболени со корона вирус во државата во моментов е 31 лице, вклучително и новите четири позитивни здравствени работници од дебарската болница.

Тој најави дека од утре на клиниката во Дебар ќе дојдат двајца доктори пулмолози од Клиниката за пулмологија за да им помогнат на останатите здравствени работници. Филипче потенцираше дека напорот и улогата на докторите и медицинскиот персонал е непроценлива и мора да се води грижа за нив.

– Таму има веќе тројца инфектолози и целосно сме свесни дека здравствените работници се најекспонираните лица, но ние мора да правиме што можеме за да ги заштитиме, зашто во овие услови тоа е многу потребно. Мора да обезбедиме стабилен здравствен систем за сите. Нема да има оправдување за ниту еден кој нема да се придржува кон мерките, потенцира уште еднаш Филипче.

Тој истакна дека тие здравствени работници макотрпно работат, имаат семејства, се едуцирале за да помагаат на луѓето.

– Пораката за граѓаните е: останете дома и најстрого придржувајте се до мерките – додаде министерот.