Македонија Арсовска ја разреши Косана Мазнева од директорка на „Комунална хигиена“ Скопје

Арсовска ја разреши Косана Мазнева од директорка на „Комунална хигиена“ Скопје

Мазнева е 37-от директор што Арсовска го менува откако е дојдена на функцијата, во ноември 2021 година

Илустрација: Колаж, Мета.мк

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, ја разреши од функцијата директорка на ЈП Комунална хигиена Скопје, Косана Мазнева. Од Град Скопје не одговорија на нашите прашања за ова последно од низата разрешувања, додека досегашната директорка, Мазнева за Мета.мк потврди дека не е повеќе на функцијата.

„Точно е, разрешена сум од директорското место. Причините не ги знам, не ми беа соопштени, ниту пак сум се сретнала со градоначалничката Арсовска. Единствено, ме повикаа службите од Град Скопје да си го подигнам решението“, изјави Мазнева за Мета.мк.

Пред само три месеци, за време на штрајкот во ЈП Комунална хигиена Скопје, Арсовска излезе на прес-конференција заедно со Мазнева и рече дека нема да дозволи никој да зборува против неа, оти таа „се нафатила да се справува со 1.400 вработени, во претпријатие кое било во заложништво на стотина ликови, семејно поврзани, од кои оние што ги водат се мафијаши, да ја направат виновна за било што“.

„Треба да го поздравите тоа што некој се справува со овие мафијаши после повеќе од 30 години. Оти немало маж доволно силен да се справи со сите нив. Нема повеќе мафијаши да нè уценуваат“, рече тогаш Арсовска.

Мазнева е 37-от директор што Арсовска го менува откако е дојдена на функцијата, во ноември 2021 година. Како што веќе пишуваше Мета.мк, досега најмногу директори, дури четворица, се сменети во Градски паркинг, а по тројца директори биле сменети во Улици и патишта, Јавното сообраќајно претпријатие и Водовод и канализација, откако Арсовска е на челната позиција во главниот град.

Се бара нов директор на МКЦ – Арсовска во својот мандат досега смени 36 директори во јавни претпријатија и установи