Економија Анѓушев – Коблер: Странските инвеститори ќе имаат отворен партнер во Владата

Анѓушев – Коблер: Странските инвеститори ќе имаат отворен партнер во Владата

Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, денеска се сретна со амбасадорката на Република Австрија, Ренате Коблер, со која разговарал за инвестициите на компаниите од Австрија, која е втора земја во поглед на обемот на инвестиции.

– Инвеститорите од странство, вклучително и оние од Република Австрија, ќе имаат искрен и отворен партнер во Владата. Странските компании кои веќе имаат инвестирано во земјата треба да се чувствуваат слободни да продолжат со своите развојни активности. Владата ќе продолжи да привлекува и нови инвеститори, а преку поддршка на домашните компании, ќе гледаме соработката помеѓу домашните и странските компании да ја подигнеме на повисоко ниво, со што добробит ќе имаат и компаниите, но и економијата на земјата – изјавил Анѓушев.

Како што информираат од кабинетот на вицепремиерот, Анѓушев и Коблер заклучиле дека економската соработка ќе продолжи да се развива и во иднина и дека се очекуваат уште подобри економски резултати.