Дигитални права Aлити: Целта ни е со ИКТ стратегијата животот на граѓаните да го...

Aлити: Целта ни е со ИКТ стратегијата животот на граѓаните да го направиме поквалитетен

Фото: Мета.мк

Министерството за информатичко општество и администрација денеска организираше јавна расправа за нацрт-верзијата на Националната ИКТ Стратегија на Република Северна Македонија 2023-2027 година. Претставници на Фондацијата Метаморфозис, на УСАИД, УНДП, на државни институции и на Стопанската комора, ја следеа расправата и даваа свои предлози и препораки за Стратегијата. Документот е објавен на ЕНЕР, а планот на надлежните е во јануари стратегијата да биде усвоена од Владата.

Фото: Мета.мк

Министерот Адмирим Алити кажа дека фокусот е на приоритетите во ИКТ секторот, а стратегијата ќе биде насочена кон дигиталната иднина, односно целта е секојдневниот живот на граѓаните да биде поквалитетен.

„Да се зголеми квалитетот на дигитални услуги, како и да се користат електронските услуги, се целите на кои работевме со нашиот тим во МИОА. Го продуциравме овој стратешки документ, кој е усогласен со целите на ЕУ“, рече Алити во своето обраќање.

Проф. д-р Тони Јаневски од Факултетот за електротехника и информациски технологии, а од областа на телекомуникациите, рече дека како држава ги имаме сите предуслови за дигитална трансформација.

„Поентата е да се искористат придобивките на дигиталното време. Целта е граѓанинот да е во центарот, тој да може да ги користи дигиталните услуги. Ќе се работи на тоа да се овозможи добра инфраструктура, која всушност, постојано се надградува. Дигитализацијата нема крај, има само почеток“, рече проф. Јаневски.

Нацрт-документот е работен по стратегиите на Данска, Грција, Кипар и Словенија. Се потпира на четири столбови – дигитална поврзливост, дигитална Влада, дигитални бизниси и дигитални вештини.

Во стратегијата ќе има и дел кој ќе се однесува на кибер безбедноста. Стратегијата треба да се дополни односно измени со забелешките и предлозите кои ќе произлезат од јавната расправа, по што треба да биде усвоена од Владата. Во МИОА велат дека планот е тоа да се случи на крајот на јануари.