Македонија Алармантна е состојбата со смртноста на новороденчињата, предупреди СДСМ

Алармантна е состојбата со смртноста на новороденчињата, предупреди СДСМ

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија денеска предупреди дека состојбата со смртноста на новороденчињата во земјава е алармантна и го обвини министерот за здравство, Никола Тодоров, за катастрофалните политики во ресорот со кој раководи.

Во изминатите шест месеци од оваа година на Клиниката за гинекологија и акушерство починале дури 82 новороденчиња, а само во последните две недели починале 20 новороденчиња, објави денеска д-р Ангелчо Андоновски од комисијата за здравство на СДСМ.

– Бројката на починати новороденчиња е алармантна, новороденчиња во Република Македонија починуваат масовно. Министерот-смрт, како што го нарекоа, треба да излезе пред граѓаните со официјалната бројка, која е должен да ја достави и до Светската здравствена организација (СЗО), но и пред сопствениот народ. Министре, Вие сте одговорен за оваа грозоморна состојба. Вие сте одговорен и за лошата организација на здравствениот систем и, конечно, Вие сте одговорен за нестручноста на Вашиот партизиран кадар – рече Андоновски.