Свет Балкан Акцијата во Белград заврши со 80 уапсени функционери и бизнисмени

Акцијата во Белград заврши со 80 уапсени функционери и бизнисмени

Во акцијата на српската полиција уапсени се 80 лица осомничени за најтешки малверзации во областа на финансискиот криминал. Сослушувањата на многумина се веќе во тек, a Вишиот суд во Белград ги одреди синоќа и првите притвори.

Осомничените што вчера не беа изведени пред обвинителите на сослушување, денеска ќе бидат сукцесивно приведени, а по тоа ќе се одлучува кој ќе биде во притвор, а кој ќе се брани од слобода.

Говорејќи за полициската акција, министерот за внатрешни работи, Небојша Стефановиќ, рече дека уште еден поголем број кривични истраги се во завршна фаза и дека ќе има уште доста акции во борбата против криминалот и корупцијата. Тој додаде дека епилогот на вчерашната акција на српската полиција се 80 приведени за најтешки малверзации во областа на финансискиот криминал, дека се трага по уште четири лица и оти се поднесени уште 39 кривични пријави.

Златко Пантелиќ од Управата на криминалистичка полиција изјави дека времето на спроведување на акцијата е одредено врз основа на препораката на ЕК и на владата на Србија за да се испрати порака дека во сите дејности мора да се работи по закон.