Економија „Актор“: Судските власти во Скопје, предметот со автопатот го ставија во архива...

„Актор“: Судските власти во Скопје, предметот со автопатот го ставија во архива во 2014 година

Грчката компанија „Актор“ нема сознание за постоење кривично гонење во врска со договорот за изградба на автопатот Демир Капија – Смоквица, соопштуваат од компанијата.

Оттаму велат дека по извршената ревизија судските власти во Скопје, предметот го ставиле во архива во 2014 година. Според нив, договорт за изградба на автопатот е потпишан врз основна на добиен меѓународен тендер.

Грчките медиуми „Прототема“ и „Катимерини“ пишуваа дека Европската агенција за борба против корупција (ОЛАФ) ја обвини оваа компанија за измама и за перење пари во износ од 50 милиони евра при изградба на автопатот Демир Капија – Смоквица.

Од „Актор“ негираат дека се переле пари при изградбата на автопатската делница и посочуваат дека немало никаква измама при одвивањето на градежните работи.

На прашање на „Мета“, Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција пред две години изјави дека презема активности и прибира докази кои се неопходни за расветлување на случајот „Актор“.

„Со оглед на комплексноста на случајот, во надлежното обвинителство се преземаат дејства за прибирање докази, неопходни за утврдување на околностите на извршување на конкретниот кривично-правен настан“, одговорија на 24 март 2015 година од Обвинителство.