Грчки „Актор“ обвинет за перење на 50 милиони евра за автопатот Демир Капија – Смоквица


       
Атина, 8 јуни, 2017 - 10:18 (META) 

Европската агенција за борба против корупција (ОЛАФ) ја обвини грчката компанија „Актор“ за измама и за перење пари во износ од 50 милиони евра при изградба на автопатот Демир Капија – Смоквица, пишуваат грчките медиуми „Прототема“ и „Катимерини“.

Случајот се нашол под лупа на јавен обвинител по доказите што ги собрала ОЛАФ.

Грчката градежна фирма во 2012 година го доби тендерот за изградба на 28-километарската делница, а името на „Актор“ стана актуелно во 2014 година, кога СДСМ обвини дека од македонски банкарски сметки незаконски биле извлечени 3,5 милиони евра.

СДСМ презентираше документи и тврдеше дека грчки државјани, преку преставништвото на грчката фирма „Актор“ во земјава, подигале милиони евра во кеш од филијала на „Стопанска банка“ Скопје, во Неготино.

„Прототема“ исто така пишува дека некои од вработените подигале месечна плата од 110.000 евра.

На прашање на „Мета“, Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција пред две години изјави дека презема активности и прибира докази кои се неопходни за расветлување на случајот „Актор“.

„Со оглед на комплексноста на случајот, во надлежното обвинителство се преземаат дејства за прибирање докази, неопходни за утврдување на околностите на извршување на конкретниот кривично-правен настан“, одговорија на 24 март 2015 година од Обвинителство.

Пред две години, по налог на грчкото државно обвинителство, грчката финансиска полиција го уапси сопственикот на „Актор“, Леонидас Боболас, за даночно затајување и за долг кон државата.