Македонија Активни пожарите во Чашка, Македонски Брод и во Маврово – Ростуше

Активни пожарите во Чашка, Македонски Брод и во Маврово – Ростуше

Дирекцијата за заштита и спасување соопшти дека во 12 часот се регистрирани активни пожари во општините Чашка, Македонски Брод и Маврово – Ростуше. Ангажирани се два авиона, хеликоптери, 40 лица преку ДЗС во координација со „Македонски шуми“, како и месно население.

Во Чашка пожарот е кај селото Богомила, местото Бела Вода и во Урбанци, село Дреново. Пожарот е на терен непристапен за гаснење. Ангажирани се авионите на Дирекцијата за заштита и спасување и тој е локализиран. Авионите се упатени во селото Таор каде гори мешана шума.

Кај Македонски Брод пожарот е околу селото Калуѓерец и кај местото Сува Гора кај селото Волче, каде гори запалена сува трева и лисната постилка од борова шума.

Во општина Маврово – Ростуше регистриран е нов пожар на планината Бистра каде гори трева и смрека. На терен се лица од ЈП „Лопушник“.

Како што соопшти ДСЗ, изгаснати се пожарите кај кумановските села Проевце, Орашец, Слупчане и Умни Дол, во Беровско кај месноста Копан Поток, Маџила, село Будинарци и Кочански Рид, село Владимирово. Изгаснати се и пожарите кај гостиварската населба Грудеица и село Јеловце, охридското село Мраморец и кај неготинското село Челевец.

Од 7 часот авионите дејствувале на потегот Чашка, село Лисец и село Јаболчиште и тоа во четири налети. Во овој момент два авиони дејствуваат во село Богомила, Бела Вода.

Заклучно со вчерашниот ден, според ДСЗ, авионите вкупно имале 295 налети со 837 тони вода. Хеликоптерите се ангажирани во селото Дреново, кај месноста Урбанци.