Свет АИ: Во затвор на сирискиот режим, за пет години погубени 13.000 луѓе

АИ: Во затвор на сирискиот режим, за пет години погубени 13.000 луѓе

Организацијата за заштита на човековите права „Амнести интернешенл“ (АИ) денеска објави дека во затворот „Саједнаја“ на сирискиот режим, во последните пет години со бесење биле погубени 13.000 лица.

Извештајот на невладината организација под наслов „Човечка кланица: масовни бесења и истребувања во затворот Саједнаја“, е составен врз основа на сведочења на 84 очевидци, меѓу кои имало чувари, осуденици и судии.

Според АИ, најмалку еднаш неделно во периодот меѓу 2011 и 2015 година, чуварите воделе по 50 луѓе од ќелиите на произволни судења, ги тепале, а потоа ги беселе тајно, во текот на ноќта.

Повеќето жртви биле цивили кои биле сметани за противници на владата на сирискиот претседател Башар ал Асад.

Илјадници затвореници се наоѓаат во воениот затвор „Саједнаја“, кој е на околу 30 километри северно од Дамаск.