Македонија Аеродромите во јуни со само 36 патници, поради короната досега изгубени над...

Аеродромите во јуни со само 36 патници, поради короната досега изгубени над 720.000 патници (инфографик)

Фото: Архива на „Мета“

Со само 36 превезени патници во текот на јуни 2020 година, македонските аеродроми поради ковид-19 минатиот месец срушија неславен рекорд во историјата на авиосообраќајот на земјава. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека пандемијата со корона вирусот во првите шест месеци од годинава довела до губење на 727.930 патници во споредба со првото полугодие од минатата година.

На аеродромите во Скопје и Охрид во првите шест месеци од 2020 година биле регистрирани 432.607 патници, и тоа во Скопје 385.855, додека во Охрид 46.752. Во споредба со периодот јануари-јуни 2019 година, бројот на патници на Меѓународниот аеродром Скопје е намален за 63,6 отсто, додека кај охридскиот аеродром намалувањето е 55,3 отсто. Во првото полугодие од 2019 година, низ двата аеродрома во земјава минале 1.160.537 патници.

Огромното намалување на бројот на превезени патници во авиосообраќајот треба да се ублажи во јули, бидејќи македонската влада месецов одлучи аеродромите во Скопје и Охрид да отпочнат со работа. Сепак, очекувањата за авиосообраќајот не се премногу оптимистички, бидејќи летовите од Скопје и Охрид кон италијанските и австриските градови се забранети од тамошните власти поради високиот број на заразени лица од ковид-19 во Македонија.

Исто така, дел од странските авиокомпании се одлучија летово да не летаат кон аеродромите во Скопје и Охрид, а отсуствуваат и традиционалните чартер летови од минатите години, со кои странски туристи доаѓаа на одмор во нашата земја. Најави за воспоставување на дел од укинатите летови има од полската компанија „ЛОТ“ за втората половина на август, „Флај Дубаи“ и „Аегеан“ за почетокот на септември, како и „Катар ервејс“ за крајот на октомври, но само доколку се намали бројот на активни случаи на лица заразени со ковид-19 во Македонија.