Македонија Адвокатот Додевски повикан како сведок во СЈО за случајот „Талир“

Адвокатот Додевски повикан како сведок во СЈО за случајот „Талир“

Aдвокатот Никола Додевски ќе биде повикан како сведок во Специјалното јавно обвинителство за случајот „Талир“ и тој нема да може да биде адвокат на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен премиер, Никола Груевски, за овој случај, кој е првоосомничен пишува порталот „Сакам да кажам“ (www. sdk.mk).

Од Специјалното јавното обвинителство ја потврдиле информацијата, но не кажале повеќе детали во врска со случајот.

Инаку, вчера за случајот „Талир“ во СЈО се појавија генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен технички премиер, Емил Димитриев, поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Рангелова, како и пратеничката на СДСМ, Фросина Ташевска-Ременски.

За понеделник се очекуваат првоосомничениот Груевски, Илија Димовски и Кирил Божиновски. СЈО испратило покани до сите 11 осомничени да дадат исказ за „Талир“.

Инаку, адвокатот Никола Додевски ги застапува поголемиот дел од осомничените во случаите што ги води СЈО.