Македонија Адеми: Извесно е дека и оваа година ќе добиеме условена препорака поради...

Адеми: Извесно е дека и оваа година ќе добиеме условена препорака поради политичката криза

„Целосно сме свесни за последиците што може да произлезат од евентуалните компликации околу изборите, но и околу работата на СЈО. До тоа никој не сака да дојде, а одговорноста ќе биде на политичките партии“, вели вицепремиерот за евроинтеграции, Арбер Адеми, во интервју за „Радио Слободна Европа“.

– Најголемиот предизвик е пред нас, а тоа е да покажеме и да докажеме дека имаме капацитет и посветеност да организираме избори што ги исполнуваат меѓународните стандарди и чии резултати ќе бидат широко прифатени. Во однос на извештајот на Европската комисија, како и секогаш, јас верувам дека ќе добиеме објективен извештај, коректен извештај, каде што ќе се нотира нашиот напредок, позитивните активности особено напредокот во политичкиот дијалог, но секако истиот ќе содржи забелешки и препораки, пред сè за областите што се опфатени со реформските приоритети – вели Адеми.

Вицепремиерот е оптимист дека нема да ја изгубиме препораката и дека Македонија сè уште ја има европската перспектива. Според Адеми, извесно е дека Европската комисија ќе ја повтори условената препорака што ја добивме минатата година, поради политичката криза и неколкупати одложуваните избори.

– Македонија одамна ги исполни условите за почеток на преговори со ЕУ, но не смееме да заборавиме дека евроинтегративниот процес е и политички процес и зависи од одлуките кои се донесени од сите земји-членки на ЕУ, односно одлуките кои се донесуваат во рамки на Советот на ЕУ. Нека нема сомнеж дека ние како политички чинители и како Влада не само што сме заинтересирани за содржината на извештајот и за одлуките на Советот на ЕУ, туку ние сме ангажирани и максимално посветени да ја исполниме нашата крајна стратешка цел, а тоа е членството на земјата во ЕУ – додава Адеми.