Свет Свет 13-годишна Израелка избодена до смрт на спиење

13-годишна Израелка избодена до смрт на спиење

Тринаесетгодишна Израелка била избодена со нож до смрт, во напад кој се случил денеска во еврејска населба во окупираниот Западен Брег, јавуваат светските медиуми.

Халел Јафа Ариел била нападната додека спиела во својата соба, во населбата Кирјат Арба. Чуварите на населбата го убиле напаѓачот, а при интервенцијата еден од нив бил потешко повреден со нож во лицето.

Израелското министерство за здравство го идентификувало напаѓачот како 19-годишниот Палестинец Мухамед Трајра, од селото Бани Наим во близина на населбата.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го осуди нападот, оценувајќи го како „гнасно убиство“, кое „ја илустрира крвожедноста и недостатигот од хуманост на терористите“ со кои тие се соочуваат.

Тој додал дека светот мора „да го осуди убиството, како што претходно ги осуди убиствата во Орландо и во Брисел“

Нетанјаху го повика и палестинското раководство јасно и недвосмислено да го осуди бруталното убиство и да работи на итен прекин на насилствата.

Од октомври минатата година досега 34 Израелци се убиени во бранот напади со ножеви, огнено оружје и со возила. Повеќе од 200 Палестинци, главно напаѓачи, се убиени во истиот период, пренесуваат медиумите.