Економија Откупувачите на јагниња не очекуваат проблеми со пласманот

Откупувачите на јагниња не очекуваат проблеми со пласманот

Откупувачите на јагниња на средбата со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски посочиле дека не очекуваат проблеми со пласманот и дека јагнето во целост ќе биде откупено.

Тие, како што информираат од МЗШВ, позитивно ја оцениле иницијативата што се спроведува преку Агенцијата за храна и ветеринарство за попис на бројот на овци и кози, која што е во тек, потенцирајќи дека резултатите ќе бидат од исклучителна важност за креирање на политиките за овчарството, врз основа на точни бројка на овци, за која што во моментов сметаат дека не е релевантна.

„Министерот Николовски посочи дека МЗШВ и Владата ја следат состојбата со откупот на јагнето. До крајот на јуни годинава Агенцијата за храна и ветеринарство ќе заврши со пописот и ќе излезе со точна бројка на овци и кози, што е важно за прецизно дефинирање на политиките на среден но и на долг рок како и за правилна распределба на субвенциите за овчарството. При тоа Николовски посочи дека МЗШВ континуирано работи на воспоставување на контакти со нови пазари за извоз на јагнешкото и дека веќе течат преговори за добивање на квота за извоз на јагнешко месо на турскиот пазар“, се вели во соопштението на МЗШВ.

Според податоците од АХВ, во декември 2018, извезени се 2.897 јагниња или 33.509 килограми. Оваа година извезени се 16.533 јагниња или 173.427 килограми.