Македонија ЗНМ со поддршка на одлуката за штрајк на новинарите на „Дневник“, „Утрински“...

ЗНМ со поддршка на одлуката за штрајк на новинарите на „Дневник“, „Утрински“ и на „Вест“

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) се солидаризира со барањата на новинарите на трите весници на издавачот „Медиа принт Македонија“ (МПМ) веднаш да се исплатат заостанатите плати за декември и за јануари и хонарарите на дописниците.

„ЗНМ ја поддржува одлуката на штрајкувачкиот одбор на новинарите на „Дневник“, „Утрински весник“ и на „Вест“ да стапат во штрајк, ако најдоцна до 15 февруари не им се исплатат заостанатите плати. Без социјална сигурност на новинарите не може да има ниту слобода на медиумите, што е услов за функционална демократија“, стои во соопштението на ЗНМ.

Од Здруженито ги повикуваат сопствениците и менаџментот на МПМ „сериозно да се зафатат со решавање на проблемите и да ја прекинат агонијата во компанијата“.

„Недозволиво е весниците и новинарите да се претворат во заложници на дневно-политички интереси. Единствено трајно и одржливо решение за состојбата во МПМ е да се ослободат весниците од партиската контрола. Иднината на весниците треба да се бара преку враќање на довербата кај читателите и огласувачите“, велат од ЗНМ.