Македонија ЗНМ: Општина Аеродром да го повлече конкурсот за награди за новинари и...

ЗНМ: Општина Аеродром да го повлече конкурсот за награди за новинари и медиуми

Фото: Арбнора Мемети

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) ја повикува општина Аеродром да го повлече јавниот повик за новинарски натпревар, со кој општината на наградените новинари/медиуми ќе додели три награди во вкупна вредност од 180.000 денари. Оваа реакција на здружението е со цел да не се влијае на објективното новинарство и дополнително да поттикне несакани механизми за нарушување на кревкиот медиумски пазар.

„Ваквата пракса преку која општината парично наградува новинари може погрешно да биде толкувана во јавноста дека преставува поткуп со јавни пари да се влијае на медиумски содржини поврзани со работата на Општина Аеродром. Освен ова, овој повик може да биде непристоен преседан, кој ќе ги поттикне и другите општини како и јавни институции да го следат истиот пример, а преку тоа дополнително да се наруши објективноста на медиумските известувања на локално и централно ниво и да настрада јавниот интерес“ велат од ЗНМ.

Со огласот на Општина Аеродром се повикуваат активни новинари и медиумски куќи да конкурираат со истражувачки стории на теми поврзани со европски вредности и нивна промоција на локално ниво.