Македонија ЗНМ и ССНМ: „Фероинвест“ да престане со етикетирање и притисоци врз новинарите...

ЗНМ и ССНМ: „Фероинвест“ да престане со етикетирање и притисоци врз новинарите од ИРЛ

Компанијата „Фероинвест” чиј сопственик е поранешниот вицепремиер за економија - Кочо Анѓушев, прави обид за јавна дискредитација на трудот на работата на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ), реагираат новинарските здруженија

Компанијата „Фероинвест” чиј сопственик е поранешниот вицепремиер за економија – Кочо Анѓушев, прави обид за јавна дискредитација на трудот на работата на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ), по најавата на нивната нова емисија за компанијата „Брако“ и модуларните болници, се вели во реакцијата на новинарските здруженија ЗНМ и ССНМ.

Емисијата, како што велат, е поврзана и со трагедијата, односно пожарот во модуларна болница во Тетово што ја градеше „Брако“, во која 14 граѓани ги изгубија своите животи во 2021 година.

„Се забележува агресивен и клеветнички говор кон ИРЛ: …„после секоја од серијата нивни крајно невистинити, тенденциозни и манипулативни емисии и написи за компаниите на Кочо Анѓушев…“. Овој пристап повторно може да ги направи цел на идни закани и напади медиумските работници, a со тоа и директно да се загрози слободата на изразување и да креира амбиент на самоцензура кај сите новинари“, стои во соопштението.

Од ЗНМ и ССНМ велат дека се прави јавен притисок не само кон ИРЛ, која е многу пати наградувана редакција токму поради своите новинарско – истражувачки трудови, туку и кон донаторите кои ја поддржуваат нивната работа и општо истражувачкото новинарство во Македонија.

„Индикативно е што ваков јавен притисок за работата на ИРЛ се прави пред да се објави нивната емисија, а поврзана за работата на фирмите во рамки на „Фероинвест“. Токму ова, но и грубиот говор како и поттикнувањето на омраза на етничка основа во нивното соопштение, остава сомнеж дека тие сакаат да ја попречат работата на ИРЛ а со тоа и да ги демотивираат останатите новинари и медиуми да имаат интерес за работата на оваа компанија“, велат од новинарските здруженија и потсетуваат дека доколку менаџментот на „Фероинвест“ има  проблем со објави од било кој медиум има законски инструменти како барање на исправка или демант, а освен ова, има и медиумски саморегулативни механизми преку Советот на честа при ЗНМ и Советот за етика во медиумите во Македонија (СЕММ).