Македонија Жителите на Иловица и Штука демантираат дека поставиле ултиматум за референдумот

Жителите на Иловица и Штука демантираат дека поставиле ултиматум за референдумот

Жителите на селата Иловица и Штука го демантираат соопштението на „Здрава Котлина“ дека поставиле ултиматум до премиерот Зоран Заев, да се изјасни за рудникот Иловица или нема да излезат на референдум.

„Имено, единствено точна е информацијата дека се одржа средба на жителите на селата Иловица и Штука, но таа беше поврзана со претстојниот референдум на 30 септември 2018 година. Според нас, станува збор за многу важен датум за иднината на европска Македонија и е прашање кое заслужува сериозно внимание и од нас како жители на Македонија. Исто така е факт дека неколкумина наши сограѓани се обидоа да го свртат вниманието кон прашањето за странската инвестицијата – рудникот „Иловица – Штука“, кој според жители на селата Иловица и Штука, е одлична економска можност за развој на овој крај“, се вели во соопштението.

Тие во него велат дека „стојат позади интересот на компанијата „Еуромакс рисорсис“ да го отвори рудникот „Иловица – Штука“ и да овозможи вработувања на нашите граѓани, да обезбеди нови работни места и за други жители од Македонија кои ќе дојдат тука да живеат и да работат и да создаваат иднина за своите семејства и да вложат пари во отворање на рудникот во нашиот регион.“

„Го повикуваме градоначалникот Зоран Зимбаков да не потклекнува на провокациите на овие 4-5 индивидуалци. Исто така, поради ова сакаме и да му кажеме на нашиот премиер Зоран Заев дека и референдумот и рудникот обезбедуваат светла иднина за овој регион, но и за целата држава и дека, целосно, ја има нашата поддршка како граѓани на Македонија.Свесни сме дека секогаш ќе има мала група граѓани кои ќе се обидат да ја злоупотребат ситуацијата и да си дадат до значење пред македонската јавност и пред државните лидери. За нас, одлуката на премиерот Заев да дозволи отворање на рудникот само ќе значи дека тој се грижи за оваа околина и дека е свесен за манипулациите на одредени граѓани, кои за свои лични интереси, си играат со судбината на другите“, се вели во соопштението.