Членството на СДСМ од Иловица се заканило со бојкот на референдумот заради рудникот


       
Гевгелија, 14 септември, 2018 - 13:20 (META) 

Еколошкото здружение „Здрава Котлина“ информираат дека општинската организација на СДСМ од Иловица и Штука одржале состанок со градоначалникот на Општина Босилово, Зоран Зимбаков на кој го критикувале, бидејќи го променил својот став во врска со отворањето на рудникот.

„Имено, во кампањата за локалните избори тој беше против рудникот, но подоцна се случи ретерирање, па така на консултативната средба со владата што ја имавме во јули, тој излезе со нејасен, двосмислен став, кој остави простор за многу сомнежи. Накусо, на завчерашниот состанок тој бил директно предупреден дека доколку не излезе јавно да се заложи против рудникот, членството масовно ќе ги искине партиските книшки. Тој се обидувал да се оправда, но на крајот морал да вети дека ќе излезе во јавноста“, се вели во соопштението на „Здрава Котлина“.

Членовите на СДСМ побарале тој итно да стапи во контакт со премиерот Зоран Заев и да му пренесе дека жителите на Иловица и Штука бараат тој да дојде и конечно да се изјасни дали ќе го сопре рудникот или не. Во спротивно, му било порачано дека никој нема да излезе на референдумот.

„Ние како еколошко здружение не навлегуваме во прашањето за референдумот, за тоа секој лично ќе си донесе одлука, но сметаме дека овој состанок и пораките што Штучани и Иловчани му ги испратија на премиерот Зоран Заев, на градоначалникот Зоран Зимбаков, но и на другите раководни партиски структури, се исклучително важни за претстојната разврска. Очекуваме дека партиските структури и од другите села, вклучително и од општините Струмица, Ново Село и Василево, ќе се солидаризираат против заедничката животна опасност и конечно ќе им дадат до знаење на раководствата дека немаат намера да бидат жртви на туѓи профитерски интереси и дека сите масовно ќе застанат во одбрана на Струмичката Котлина“, се вели во соопштението.