Дописници Жителите го блокираа булеварот Илирија во Тетово поради зонското паркирање

Жителите го блокираа булеварот Илирија во Тетово поради зонското паркирање

Жителите што живеат покрај булеварот Илирија во Тетово, каде месецов се воведе зонско паркирање, попладнево ја блокираа улицата.

Велат дека се револтирани поради воведувањето зонско паркирање, со кое им е оневозможено да ги оставаат возилата во близина на живеалиштата зашто паркирањето сега е ограничено на три часа.

– Ние немаме ништо против зонското паркирање. Бараме само Општината да ни овозможи загарантирано место за паркирање, за кое би плаќале месечен билет – изјави Перо Јовчески, жител на Илирија.

За проблемот со паркирањето, жителите поднеле петиција до Општина Тетово.

– Поднесовме петиција до Општина Тетово, на која се потпишаа повеќе од 1.000 граѓани. Преку петицијата побаравме слободно место за паркирање за нас во рамки на зонското паркирање или, пак, Општината нека го реши ова прашање, затоа ги плаќаме. Но, за жал, од локалната самоуправа по поднесувањето на петицијата добивме негативен одговор – вели Никола Киропулос, станар од Илирија.

Зонското паркирање е воведено само на булеварите Илинденска и Илирија.

Сега, голем број од возачите се паркираат во единствената зона А, каде се создава голем метеж и хаос во сообраќајот.

Од Општина Тетово велат дека овој проблем ќе се надмине со воведување зонско паркирање и во другите делови, односно зони во градот.