Подглавна секција Жестоки судири меѓу полицијата и анархистите во Атина

Жестоки судири меѓу полицијата и анархистите во Атина

Полицијата уапси 13 лица и приведе петмина во синоќешните немири во Атина, на протестот за одбележувањето на годишнината од Политехнио, бунтот против воената хунта во 70-тите години на минатиот век. Атинската бунтовна населба Ексархија со часови наликуваше на воено поле поради постојаните судири меѓу групи анархисти и полицијата.

Анархистите со часови напаѓааа со молотови коктели, камења, па дури фрлаа и столови, а полицијата одговараше со солзавец и со шок-бомби. Цела вечер владееше хаос, на моменти ситуацијата изгледаше како да е надвор од контролата на полицијата, а дел од полициските припадници во еден момент дури и беа принудени да бегаат од група анархисти, кои ги бркаа низ улиците на Ексархија.

Анархистите, според информациите, еден ден претходно го окупирале просторот на Политехничкиот факултет, кој е симбол на бунтот против воената хунта и од каде со студентски протест почна бунтот во 1973 година, складирајќи ја целата своја „муниција“ и блокирајќи го просторот околу факултетот за полицијата да не може воопшто да им се приближи.

Доцна вечерта, за да стави крај на судирите, полицијата даде наредба новинарите и фоторепортерите да си заминат од просторот. Судирите завршија нешто пред 2 часот утрото по локално време. Во инцидентите е причинета голема материјална штета на просторот околу факултетот, а уништен е и дел од инвентарот од факултетот.

Освен во Атина, немири имаше и во Солун, Јанина и во Волос.