Главна секција Железница предвидува два патнички воза помалку во возниот ред за 2020 година

Железница предвидува два патнички воза помалку во возниот ред за 2020 година

Фото: Архива на Мета.мк

Наместо зголемување на бројот на патнички возови, догодина е можно да сообраќаат помалку патнички возови во земјава. Според постојниот Нацрт – возен ред за 2020 година, од 15 декември би сообраќале по два воза помалку од железничката станица Скопје. Експресниот воз „Хераклеа“ на релација Скопје – Битола – Скопје е отстранет од возниот ред за наредната година. Оваа најбрза врска меѓу Скопје и Битола не сообраќа од август 2018 година, поради тоа што еден од новите кинески возови е расипан.

Железници на РСМ – Транспорт планира да укине и по еден пар патнички возови на релација Скопје – Велес – Скопје, и тоа досегашниот воз што поаѓаше од Скопје во 4:15 часот, односно од Велес кон главниот град во 6:10 часот. Поради ова, ќе биде променето поаѓањето на другите утрински возови од Велес за Скопје, кои би тргнувале во 5:03, 5:45, 6:13 и 7:26 часот од велешката железничка станица. Идната година меѓу овие два града би сообраќале по девет пара возови дневно во текот на целата година.

Кон другите релации во земјава, и во 2020 година ќе останат да сообраќаат по два пара возови дневно на релација Скопје – Гевгелија – Скопје, три пара на релација Скопје – Битола – Скопје, четири пара возови на релација Скопје – Куманово – Скопје и по еден пар возови дневно меѓу Скопје и Кочани и меѓу Скопје и Кичево.

Во меѓународниот железнички сообраќај, брз воз ќе има единствено на релацијата Скопје – Приштина – Скопје, и тоа по еден дневно. „Хелас експрес“ за Солун и Белград ќе сообраќа единствено во летните месеци, во периодот од 13/14 јуни до 20/21 септември 2020 година.

Од Железници на РСМ – Транспорт за „Мета.мк“ велат дека во интерес на железницата е да имаат пуштено во сообраќај повеќе возови за патниците. Сепак, нивниот возен ред се прави во согласност со расположливиот број на моторни возови, локомотиви и вагони.

Во однос на експресниот воз Скопје – Битола – Скопје, од Железници велат дека штом се отстранат сите пречки поради кои привремено еден од кинеските возови е надвор од сообраќај, истиот воз веднаш ќе биде воведен во сообраќај. За возот кон Белград и Солун, соседните железнички управи „Србија воз“ и „TrainOSE“ имале непроменет негативен став во однос на сообраќањето на овој експресен воз во текот на целата година.

Од Железници на РСМ – Транспорт нагласуваат дека постои можност догодина да се воведат нови патнички возови меѓу Скопје и кумановското село Бељаковце, доколку се заврши изградбата на оваа пруга од железничкото поврзување со Бугарија.

– Откако ЈП за железничка инфраструктура ќе ја пушти во употреба споменатата делница, ЖРСМ Транспорт врз база на расположивиот возен парк и времето на патување до соодветните дестинации, сериозно ќе ја разгледа можноста за покривање и на овој реон со железнички патнички превоз – посочуваат од железничкото претпријатие.

Дека состојбата со патничкиот железнички сообраќај не е розова, минатата недела потврди и Државниот завод за ревизија, којшто изврши ревизија на сметката на Министерството за транспорт и врски за 2018 година. Ревизорите утврдија дека од државниот буџет се издвојуваат помалку субвенции за патничките возови наспроти реалните трошоци за одржување на сообраќајот, кои ги пријавува ЖРСМ – Транспорт на годишно ниво.

Со нецелосно субвенционирање на трошоците во патничкиот сообраќај, ревизорите заклучуваат дека се доведува во прашање обезбедувањето квалитетна услуга од јавен интерес – превоз во железничкиот сообраќај.