Свет Балкан Земјите од еврозоната порачаа: Грција мора да ја врати довербата

Земјите од еврозоната порачаа: Грција мора да ја врати довербата

Претставниците на земјите-членки на еврозоната истакнаа дека Грција мора да ја врати довербата кај нив на тој начин што ќе ги спроведе реформите и така да отвори простор за преговори за нов финансиски пакет за зачувување на европската валута. Премиерот на Грција, Алексис Ципрас, доби рок од три дена за да ги протурка во парламентот реформите што се однесуваат на приватизацијата, пензискиот систем, пазарот на труд и на данокот на додадена вредност.

Во пресрет на преговорите, кои почнаа денеска попладне во Брисел, лидерите на ЕУ и министрите на 19 земји-членки на еврогрупата рекоа дека ќе направат сè што е во нивна можност за Грција да остане во еврозоната.

Францускиот претседател Франсоа Оланд рече дека излегувањето на оваа медитеранска земја би претставувало европско „повлекување“ и додаде дека тоа би требало да се избегне.

Но, претставниците што ги предводи германската канцеларка Ангела Меркел јасно ставија до знаење дека Грција кај нив мора да ја врати довербата, откако граѓаните на референдум организиран од грчката влада ги одби условите на кредиторите.

– Најважната валута е изгубена, а тоа е довербата – рече Меркел и додаде дека тоа значи дека претстојат тешки одлуки и оти нема да има договор по која било цена.