Македонија Завршувањето на пругата Куманово – Бељаковце одложено за догодина

Завршувањето на пругата Куманово – Бељаковце одложено за догодина

Izvor na fotografija: Vlada na RSM

Ново одложување на завршувањето на изградбата на првата фаза од проектот за железничко поврзување меѓу Македонија и Бугарија. Наместо до крајот на годинава, довршувањето на градежните работи на пругата Куманово – Бељаковце ќе се пролонгира до 2020 година.

– Бидејќи во тек на градба се јавија одредени недостатоци во проектот, потребно беше време тие да се надминат за да продолжиме со реализација. Од тие причини се пролонгира и рокот за изградба и дел од средствата наменети за оваа година ќе се користат следната година – велат за „Мета.мк“ од Министертвото за транспорт и врски.

Од надлежното министерство потенцираат дека нема никакво кратење на средствата наменети за железничка инфраструктура за годинава, туку финансиите за пругата кон Бугарија од годинава се префрлени за наредната година. Сите неискористени средства за овој проект ќе се искористат во 2020 година. Станува збор за 1,3 милијарди денари кои се префрлени во следната буџетска година.

Недостатоците со проектната документација за пругата Куманово – Бељаковце се решаваат во согласност со состојбите на терен каде се изведува трасата.

– Уверуваме дека ова е приоритетен проект и како таков ќе биде завршен за да го оспособиме железничкиот Коридор 8 – посочуваат од Министерството за транспорт и врски.

Изборот на изведувач за изградбата на втората фаза од Бељаковце до Крива Паланка ќе заврши во првиот квартал на 2020 година, а веднаш потоа ќе започне и градењето на овој сегмент од пругата.

Изградбата на пругата Куманово – Бељаковце започна во март 2014 година, со ветување дека до Бељаковце ќе се патува со воз во 2016 година. Од тогаш до денес, официјалното пуштање во употреба на трасата долга 30,8 километри се одложи неколку пати. Оваа пруга го обиколува Куманово, а со новата железничка станица и стојалиште на две локации во самиот град постои можност да се зголеми атрактивноста на патничкиот железнички сообраќај кај жителите од вториот по големина град во земјава.