Македонија Заврши гасификацијата на Општата болница во Куманово

Заврши гасификацијата на Општата болница во Куманово

Извор на фотографија: Фејсбук страница на Венко Филипче

Проектот за гасификација на Општата болница во Куманово е завршен, со што оваа здравствена установа целосно ќе се загрева на природен гас, најави министерот за здравство Венко Филипче на својата Фејсбук страница.

„За неполни две години оваа е втора гасификација на јавна здравствена установа. Во септември лани ја завршивме гасификацијата на Специјалната болница по гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ во Чаир“, напиша министерот Филипче.

Тој информира дека во тек се проекти за енергетска ефикасност на 28 објекти од здравствениот сектор. Во проектот се опфатени Клиниката за физикална медицина во Козле, Здравствените домови во Валандово, Кратово, Крива Паланка, Неготино, Пробиштип, Радовиш, Ресен, Св. Николе, Штип, Поликлиника Идадија во Скопје, Универзитетската клиника за психијатрија, како и повеќе здравствени институции, станици во селата Карбинци, Пештани, Белчишта, Бучин, Герман, Ранковце, Зрновци, Блатец и Извор.

Општата болница во Куманово беше еден од најголемите загадувачи на воздухот во градот, бидејќи досега користеше мазут за затоплување на нејзините простории. Земајќи го предвид фактот дека мерната станица за квалитетот на воздухот во Куманово се наоѓа во дворот на болницата, таа покажуваше дека најголемите пикови на загадување се во периодите кога котелот за загревање на болницата функционира. Под притисок на јавноста, Владата кон крајот на октомври 2019 година упати препорака до Министерството за здравство за итна гасификација на кумановската болница.