Дописници Затворениот пливачки базен во Охрид ќе биде изграден до крајот на 2020...

Затворениот пливачки базен во Охрид ќе биде изграден до крајот на 2020 година

Охрид до крајот на 2020 година треба конечно да добие затворен пливачки базен. Владата на последната седница ја разгледа и усвои информацијата за динамиката на реализација и плаќање на обврските за изградба на спортскиот објект во општина Охрид и ја задолжи Агенцијата за млади и спорт да предвиди затворениот пливачки базен да биде изграден заклучно со 31 декември 2020 година.

Од Агенцијата за млади и спорт, кои се инвеститори на изградбата на базенот во вредност од околу 5 милиони евра, велат дека течат градежни работи на затворениот базен и во моментов се поставуваат монтажни елементи од армиран бетон за трибините за публиката со околу 500 седишта.

– Завршени се од армиран бетон столбовите, ѕидовите и скалите со кота 6,6 метри плус кота на висината од 9,9 метри – информира за тековните активности на градбата, Тане Димоски портпарол на Агенцијата за млади и спорт.

Базенот првично требаше да биде завршен во април 2018 година, но со анекс договор помеѓу инвеститорот и изведувачот, а на барање на изведувачот, изградбата на објектот е пролонгирана.

Покрај ватерополо базен, во објектот ќе има и помал базен. Планирани се и други содржини, како што се простории за канцеларии за персоналот и тренерите, угостителски објект, соблекувални, туш кабини, продавница за спортска опрема, игротека и други содржини според светски стандарди, информираат од Агенцијата за млади и спорт.