Свет Балкан Затворена сатиричната „Фејсбук“ страница на која беа грчките „крволочни“ постери

Затворена сатиричната „Фејсбук“ страница на која беа грчките „крволочни“ постери

Грчката сатирична страница на „Фејсбук“ „Елинико Христианико Етностедон (Грчко-христијански етноседатив) од која произлегоа постерите што на 1 и 2 февруари годинава беа објавени од многу македонски медиуми со толкување дека станува збор за националистички постери со кои се повикува на учество на големиот протест против Македонија во Атина, е згасната повеќе од десетина дена.

Страницата беше посочена од Жарко Трајаноски како изворот на овие постери, во неговата анализа објавена на „Вистиномер“ за хистеријата што се создаде во Македонија, во која тој образложи дека постерите биле пласирани како сатира и гротескен хумор.

Според Трајаноски, кој преку „Фејсбук“ контактирал со администраторот на страницата пред да ја напише анализата, не само што страницата е избришана, туку и неговиот соговорник не му одговорил на пораки зошто страницата ја нема и кој ја згаснал.

Како што напиша Трајаноски, на таа страница биле објавени многу повеќе фотомонтажи, со фотошопирање на стари пропагандни постери.

Анализата на „Вистиномер“, беше преведена и на англиски јазик, потоа беше цитирана и во статија на темата што ја објави информативниот сервис „Глобал војсис“.