Свет Балкан Започнува имплементацијата на договорот за регистарски таблички меѓу Косово и Србија

Започнува имплементацијата на договорот за регистарски таблички меѓу Косово и Србија

Принтскрин: indeksonline.net

Денеска на граничните премини што го поврзуваат Косово со Србија, започна имплементацијата договорот за прашањето на регистарските таблички постигнат во Брисел.

Косовската полиција преку соопштение до медиумите објави дека се направени неопходните подготовки за спроведување и извршување на одлуката која се однесува на постигнатиот договор во Брисел, помеѓу Република Косово и Србија, според кој на регистарските таблички на возилата ќе се ставаат налепници кои ќе ги покрваат државните симболи.

„Како што е дефинирано со договорот, имплементацијата започна на национално ниво, на сите гранични премини, бидејќи навреме се направени подготовки во однос на човечките ресурси и логистиката, со цел да се овозможи најбрзо обезбедување на граѓаните со привремени регистарски таблички во форма на налепници и можност за слободен промет и движење“, се вели во соопштението.

Косовската полиција нагласи дека според службената должност и законските и уставните овластувања, ќе продолжи реализацијата на законските должности и одговорности во интерес на одржување на јавниот ред и безбедност, како и гаранција за слободно движење на национално ниво.

Командантот на мисијата на КФОР, генерал-мајор Франко Федеричи вчера ги посети единиците на КФОР лоцирани на премините Јариње и Брњак на северот на Косово.

Тој рече дека во следните две недели, КФОР со своето присуство ќе пружи поддршка за спроведување на најновиот договор за деескалација на ситуацијата согласно договорот постигнат меѓу Косово и Србија во Брисел.