Хроника Запленети 144 килограми марихуана на граничниот премин Богородица

Запленети 144 килограми марихуана на граничниот премин Богородица

Царинските службеници на граничниот премин Богородица, на македонско-грчката граница, вчера заплениле 144 килограми марихуана, која била сокриена во приколка од товарно возило, соопшти денеска Царинската управа.

Како што информираат оттаму, камионот со странски регистарски таблички, управуван од бугарски државјанин, бил пријавен за излез од земјава. Цариниците го селектирале за детална контрола откако се посомневале во тврдењата на возачот дека приколката е празна.

„При контрола на возилото, царинските службеници забележале дека страничните штици од полуприколката биле наполнети со наркотична дрога марихуана. Вкупното количество на запленетата марихуана е 144 килограми“, стои во соопштението од Царинската управа.

Од Царината велат дека предистражната постапка за случајот е сè уште во тек и дека се прибираат докази, а против осомничениот е поднесена кривична пријава за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори.