Македонија Законот за јазиците и огласот за наследникот на Зврлевски денеска во Собранието

Законот за јазиците и огласот за наследникот на Зврлевски денеска во Собранието

Собраниската Комисија за европски прашања денеска треба да ја продолжи седницата на која се расправа за предлог-законот за употреба на јазиците, во прво читање. Со законот се предвидува во сите органи на државната власт во Република Македонија, централни институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи и организации, комисии, правни лица кои вршат јавни овластувања согласно закон и други институции, службен јазик, покрај македонскиот јазик и неговото писмо, да биде и албанскиот јазик.

За предлагачот и за пратениците од мнозинството, законот е дел од патот на евроатлантските интеграции на Македонија и на никаков начин не го нарушува ниту Уставот, ниту унитарниот карактер на државата. За пратениците од опозицијата, пак, тој е противуставен за што, според нив, говори и фактот што се носи со европско знаменце иако нема никаква европска регулатива со која се усогласува и тој ќе донесел само дополнителни поделби, а не кохезија во општеството.

Во Собранието треба да продолжи и седницата на која ќе се расправа за предлогот за распишување оглас за нов јавен обвинител на Република Македонија.