Македонија Законите од Пржино, вечерва на пленарна седница во Собранието

Законите од Пржино, вечерва на пленарна седница во Собранието

Пратениците во Собранието го изгласаа дневниот ред на пленарната седница, на која како единствени точки се ставени законите што политичките партии потписнички на Договорот од Пржино, ги усогласија во петокот.

Образложение за дневниот ред даде координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, кој рече дека поради повисоки државни интереси овие точки треба да се донесат по скратена постапка.

Втор за збор се јави координаторот на СДСМ, Горан Сугаревски, кој побара последната точка за законот за влада да се стави прва.

– Бараме законот за влада да биде прва точка на дневниот ред за да му овозможиме на премиерот уште денеска да да ги предложи новите министри. Јас знам дека болна точка ви е МВР, но мислам дека треба да се одважите веќе еднаш – рече Сугаревски.

Тој додаде дека промената на дневниот ред не ја бара само од технички аспект туку поради повисоките државни интереси.

Пратеници не го усвоија барањето на Сугаревски и законот за влада остана последна точка на дневниот ред.

Овој предлог-закон е поднесен од координатори на само три политички партии, за разлика од другите, на кои потписници се сите. Потписот на ДПА не е на овој закон.

Денеска пратениците ќе гласаат за изборниот законик, за измена и за дополнување на Кривичниот законик, за законите за заштита на приватноста и укажувачите, како и за законот за влада. Пакетот закони треба да поминат на матичните комисии за политички систем и односи меѓу заедниците и Законодавно-правната комисија. Пленарната седница ќе продолжи во 19 часот.