Подглавна секција Загинаа 19 деца и двајца возрасни од пукање на 18-годишник во училиште...

Загинаа 19 деца и двајца возрасни од пукање на 18-годишник во училиште во Тексас

Photo by Gene Gallin on Unsplash

Најмалку 19 деца на возраст од 7 до 10 години и две возрасни лица беа убиени во пукањето во основно училиште во градот Увалде, во американската сојузна држава Тексас, јавува Би-би-си. Сомнежите се дека нападот го извршил 18-годишен средношколец со пиштол и полуавтоматска пушка, кој подоцна бил застрелан од полицијата.

Официјалните власти засега не ги соопштуваат мотивите за крвопролевањето, но дополнуваат дека две лица од пукањето се наоѓаат во критична состојба во болницата во Сан Антонио. Воедно, најмалку 13 деца биле однесени во болниците поради повреди. Напаѓачот Салвадор Рамос носел панцир, дејствувал сам и успеал да застрела двајца полицајци од пограничната полиција, кои исто така се наоѓаат во болница.

Крвавиот напад во Тексас доаѓа само 10 дена по слично крвопролевање што се случи на 14 мај во продавница во американскиот град Бафало, каде 18-годишник уби 10 лица поради „расно мотивирано злосторство од омраза“, пренесува Радио Слободна Европа на македонски јазик.

Американскиот претседател Џо Бајден нареди американското знаме да биде спуштено на половина копје до вечерта во сабота, на 28 мај и повика на нови ограничувања на оружјето, во обраќањето до нацијата по нападот на средношколецот во Тексас.

„Кога во имe на Бог ќе се спротивставиме на лобито за оружје? Кога, за волја на Бога, ќе го направиме она што сите знаеме дека треба да го направиме?“, праша претседателот Бајден.