Македонија Заев – Жбогар: Постои голем оптимизам во Брисел дека Македонија оди...

Заев – Жбогар: Постои голем оптимизам во Брисел дека Македонија оди напред

Премиерот Зоран Заев денеска се сретнал со евроамбасадорот Самуел Жбогар, а на средбата Заев порачал дека владата е решена да гради квалитетен живот за сите граѓани. Евроамбасадорот, како што извести Владата, рекол дека во Брисел постои оптимизам за идните чекори на Македонија и дека земјата ја има досега најголемата шанса за напредок во евроинтеграциите.

– Постои голем оптимизам во Брисел дека Македонија е конечно подготвена да оди напред во интерес на иднината на граѓаните и на државата. Република Македонија  ја има најголемата шанса за успех досега за остварување на стратешките евроатлантски цели – рекол евроамбасадорот Жбогар на средбата со премиерот Заев, како што пренесе владината служба за информирање.

Заев рекол  дека Владата фокусирано го реализира реформскиот план „3-6-9“ низ инклузивни политики на соработка во општеството, работи на подобрување на животниот стандард на граѓаните, како и на пријателска, принципиелна и конструктивна соработка со соседите и со земјите членки на ЕУ и на НАТО.