Uncategorized Заев во Виена: Изборите на 11 декември се референдум за Македонија

Заев во Виена: Изборите на 11 декември се референдум за Македонија

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, на Форумот за меѓународен дијалог „Бруно Крајски“ во Виена, синоќа одржа предавање на тема „Македонија на крстосница“, на коешто присуствуваа повеќе од 120 истакнати личности, политичари, дипломати, меѓу кои и германскиот посредник за политичката криза во Македонија, Јоханес Хајндл, соопштија од СДСМ.

– Одбележуваме 75-годишнина од македонската антифашистичка борба. Сојузниците во Втората светска војна биле и левоориентирани и десноориентирани, демократи и либерали и комунисти и сите заедно здружени го победиле фашистичкото зло во светот и во Европа. Денес, по 75 години, ние повторно сме исправени пред освојување на уште една, малку поинаква, но еднакво опасна, уникатна, патриотска битка против авторитарниот режим. Ова е битка на вредности и на визија – рече Заев додавајќи дека актуелната власт ја оттргнува земјата од вистинскиот пат на вредности, за што се бори и ги посакува најголемиот број граѓани во Македонија.

Заев се осврнал на политичката криза во Македонија и изразил надеж дека во земјата може да има слободни и фер избори на 11 декември.

– Слободни и фер избори што ќе ја одразат слободната волја на граѓаните и владеењето на правото се првите неопходни чекори Македонија да се придвижи напред. Македонија не може да биде безбедна без демократските вредности кои се основни европски вредности што можат да ја гарантираат геополитичката стабилност. Изборите на 11 декември се референдум за Македонија. Тие се шанса Македонија да ја потврди својата посветеност на демократијата, транспарентноста и на владеењето на правото. Овие избори се нашата можност да покажеме дека и покрај скандалот на Груевски со прислушувањето, што ги отвори фундаменталните прашања за тоа дали нашата демократија е подготвена за Европа, сепак иднината на Македонија и на нејзините граѓани е во Европската Унија и во НАТО – рекол Заев.