Македонија Заев со владина делегација на Самитот 16+1 во Будимпешта

Заев со владина делегација на Самитот 16+1 во Будимпешта

Премиерот Зоран Заев, со владина делегација, од денеска до вторник следната недела ќе претстојува во Будимпешта, Унгарија, каде ќе учествува на 6. Самит на шефови на влади од процесот за соработка на Народна Република Кина со земјите од Централна и Источна Европа, соопшти владината прес-служба.

Во македонската делегација на самитот се и вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, министерот за економија, Крешник Бектеши, министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, државниот секретар на Министерството за надворешни работи, Виктор Димовски, и советникот за економија во кабинетот на премиерот, Фатмир Бесими.

„Делегацијата на Република Македонија на овој самит, познат и како Самит 16+1, ќе присуствува и на церемонијата на отворањето на економскиот, трговскиот и финансиски форум, како и во работата на пленарната сесија на форумот, на која свое обраќање ќе има и премиерот Зоран Заев“, стои во соопштението.

Заев и членовите на делегацијата за време на самитот ќе имаат повеќе билатерални средби.

Како што информираат од Владата, Заев во вторник ќе има средба со премиерот на Кина, Ли Кечијанг, а истиот ден ќе се сретне и со премиерот на Унгарија, Виктор Орбан.