Македонија Заев со Чавушоглу: Реформската влада ги отвора евроатлантските перспективи

Заев со Чавушоглу: Реформската влада ги отвора евроатлантските перспективи

Премиерот Зоран Заев, придружуван од министерот за надворешни работи, Никола Димитров, и од пратеникот Мухамед Зекири, попладнево се сретна со Мевљут Чавушоглу, министер за надворешни работи на Република Турција, придружуван од пратениците Хусејин Бурге и Шабан Дишли, како и од амбасадорката на Турција во Македонија, Тулин Еркал Кара, соопшти Владата на Република Македонија.

Според соопштението, на средбата соговорниците изразиле заедничка определеност за продлабочување на традиционалните пријателски односи помеѓу Република Македонија и Република Турција, а Чавушоглу во име на премиерот на Турција, Бинали Јилдирим, му честитал на Заев за стапувањето на должноста и најавил целосна поддршка.

– Владата на Македонија е силно посветена на реформите важни за евроатланстките интеграции на државата, но тие истовремено ќе придонесат и за развој на економијата и на правната држава, како и за квалитетен живот на сите граѓани – рекол Заев, посочувајќи дека Владата работи на создавање поволна деловна клима, за да овозможи функционирање на домашните претпријатија, но и странски инвестиции, како начин за овозможување нови вработувања, повисоки плати и повисок животен стандард.

На средбата на Заев со турскиот министер Чавушоглу изразен е заеднички интерес за соработка како на полето на економијата, инвестициите, трговијата, така и во образованието, културата, спортот и во сите други области значајни за граѓаните на двете земји.