Економија Заев смета дека државата има скриен долг од околу една милијарда евра

Заев смета дека државата има скриен долг од околу една милијарда евра

Просечната плата од 500 евра веројатно ќе стане реалност во 2019 година, изјави вечерва премиерот Зоран Заев, додавајќи дека тоа е две и пол години од почетокот на мандатот на новата влада.

Тој, во интервјуто на националниот сервис со уредници од телевизиите, рече дека потребни се консултации за да се види каде треба да се направат промени за да се зголеми економскиот пораст кој ќе придонесе за зголемување на просечната плата. Во однос на минималната плата, рече дека таа, исто така, постепено ќе се менува за да не се нанесе штета на компаниите, односно да не доведе до отпуштање на вработени и до затворање на фирми.

Во однос на изборот на Рамиз Мерко за вицепремиер за странски инвестиции, премиерот истакна дека поранешниот градоначалник има добра комуникација со албанската дијаспора и оти негова задача ќе биде да ги убеди да инвестираат во Македонија.

На прашање дали веќе знаат кој ќе биде новиот директор на Управата за јавни приходи, Заев рече дека сè уште не се знае и дека тоа ќе се одлучи во следните 10 до 15 дена. Тој истакна дека економската ситуација во земјата не е сјајна, односно дека во буџетот нема 130 милиони евра, туку само шест милиони евра. Во однос на јавниот долг, истакна дека тој ја надминал ликвидноста на буџетот, односно дека изнесува повеќе од 50 отсто од домашниот бруто-производ. Премиерот истакна дека веќе има доспеани неевидентирани обврски, за кои треба да се информира јавноста и оти веројатно има скриен долг од околу една милијарда евра.