Главна секција Заев: Референдумот е нашата нова историска одредница, излезете и изберете

Заев: Референдумот е нашата нова историска одредница, излезете и изберете

Патриотизам е кога им го градиш патот на идните генерации, правејќи држава признаена од сите, горда, исправена, еднаква со другите држави на која граѓаните ќе бидат горди, рече премиерот Зоран Заев во своето обраќање на Пелинце по повод прославата на двата Илиндена.

Заев апелира граѓаните да излезат на референдумот на 30 септември и да кажат „да“ за идните генерации и за иднината на Македонија.

– Да ги запреме сите поделби, да се обединиме внатре и со европското семејство за да имаме утре. Пред неколку дена го потврдивме датумот за референдумот – 30 септември. Тоа е денот на нашата нова историска одредница, денот кога ќе донесеме одлука за нашата иднина како дел од семејството на ЕУ и на најсилниот сојуз НАТО. Секој од нас поединечно ја има шансата да ја донесе оваа голема одлука. Сега е моментот. Државотворните народи препознаваат вакви историски моменети. Во вакви моменти не се седи дома, не се молчи, туку шансата треба да се зграби храбро, одлучно, достоинственo – рече Заев.

Тој додаде дека демократскиот избор на граѓаните ќе се почитува.

– Ве повикувам да докажете дека никој не може да ве поколеба да изберете. Излезете и изберете. Демократскиот избор на граѓаните мора да се почитува, нивниот став е конечен. Уверен сум дека граѓаните ќе го направат вистинскиот избор, дека ќе го избереме патот што води напред. Никој не може да не споре, одлучни сме и решителни Македонија да успее и ќе успее – додаде Заев.

Во однос на Договорот со Грција рече дека е патриотски и дека со него се зачувуваат македонскиот идентитет, јазик и државјанство.