Македонија Заев: Прислушувањето е кривично дело и за тоа мора да се одговара

Заев: Прислушувањето е кривично дело и за тоа мора да се одговара

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, денеска на средба со граѓаните во Штип, одговарајќи на новинарско прашање за тоа колку сведоци има СЈО, рече дека прислушувањето е кривично дело и дека мора да се открие кој прислушувал.

„Јас сум Зоран Заев, човекот што ги поседуваше „бомбите“ и ги предаде на Специјалното јавно обвинителство. Да има сведоци макар за еден процент од тоа што сум го изнаслушал во тие разговори, верувам дека многу лесно ќе се вратат правдата и правната држава во Македонија. За сите прашања поврзани со СЈО, ќе мора да ги прашате нив. Ние сме политичари и политички партии кои одлучија сите заедно да формираат една независна институција што ќе се занимава со незаконското прислушување и ќе излезе со резултат за сè што е поврзано и што произлегува од него. Тоа што деновиве го гледавме во Управата за безбедност и контраразузнавање е еден дел од процесот низ кој треба да се утврди кој, всушност, прислушувал во Македонија. Тоа е огромно кривично дело, тоа е злоупотреба на основните човекови слободи и права, правото на комуникација, тоа е дефинирано во Уставот на Република Македонија – рече Заев.

Тој додаде дека во Македонија правдата ќе се врати и дека законот мора да важи за сите еднакво.