Економија Заев најави поволности за домашните компании какви што имаат странските

Заев најави поволности за домашните компании какви што имаат странските

На деловниот појадок со владиниот економски тим, предводен од премиерот Зоран Заев, Сојузот на стопанските комори (ССК) испорача пакет од 75 економски мерки.

Мерките, како што истакна претседателката на ССК, Данела Арсовска, се во насока на спроведување на структурните реформи и подобрување на инвестициската клима и деловното опкружување во земјава. Според неа, од особено значење за бизнис-заедницата е ефикасноста на администрацијата на централно и на локално ниво.

Трите клучни барања се реформа на инспекциските служби, сузбивање на сивата економија и учество на деловната заедница во креирањето на економските политики.

На средбата со бизнисмените, Заев најави дека секој инвеститор во Македонија, без разлика дали е домашен или странски, кој ќе почне инвестиција од темел, ќе ги добие поволностите што досега ги добиваа странските компании.

– Тоа значи ослободување од персонален данок, ослободување од данок на добивка, поддршка во изградба на инфраструктура, евтини локации, но истовремено и директна државна помош во илјади евра по вработен. Ќе има критериуми за државната помош. Ако бројот на нови работни места биде поголем, толку поголема ќе биде и државната помош. Втор критериум ќе биде еколошката заокруженост на самиот проект. Трет критериум ќе биде поврзаност со домашните компании во делот на прибавување ресурси за производство и услуги и неколку други критериуми – рече Заев.