Македонија Заев на средба со Жбогар: Посветени сме на формирање реформска влада во...

Заев на средба со Жбогар: Посветени сме на формирање реформска влада во Македонија

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, попладнево се сретнал со амбасадорот на Европската Унија во Македонија, Самуел Жбогар, со кој разговарал за процесот на формирање ново парламентарно мнозинство и за формирање на новата влада во Македонија.

Заев на Жбогар му соопштил дека на претседателот Ѓорге Иванов му предал 67 потписи и дека очекува тој во најкус можен рок да го добие мандатот за формирање на новата влада.

Лидерот на СДСМ истакнал дека целосно се посветени на формирање нова реформска влада чиј приоритет ќе бидат економијата и европската агенда.

– Потребни се итни реформи во државата, според извештаите на Прибе и на Европската комисија, за да се обезбеди квалитетен живот на граѓаните, но и стабилна евроатлантска перспектива на Македонија. Подготвени сме да работиме на исполнувањето на овие цели исклучиво во интерес на потребите на граѓаните, кои во големо мнозинство гласаа за овие промени на предвремените избори – изјави Заев.

Од СДСМ соопштуваат дека на средбата била нагласена потребата од зрелост кај сите политички субјекти и од институциите за брз и мирен трансфер на власта, што ќе овозможи продолжување на почнатите демократските процеси во Македонија.