Македонија Заев ќе им го даде на пратениците договорот со Бугарија да го...

Заев ќе им го даде на пратениците договорот со Бугарија да го разгледаат на затворена седница

Премиерот Зоран Заев, кој денеска во Собранието го презентираше реформскиот план „3-6-9“ пред Комисијата за европски прашања, вети дека договорот со Бугарија, сепак, ќе им го достави на увид на пратениците.

Тој рече дека пратениците ќе имаат можност да го разгледаат договорот на седница затворена за јавноста, бидејќи станува збор за документ кој сè уште не е финализиран, односно потпишан.

Реакцијата на премиерот дојде откако координаторот на првата од десетте пратенички групи на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, обвини дека Владата ја игнорира опозицијата за договорот со Бугарија, дека молчи за деталите од посетата на шефот на македонската дипломатија Никола Димитров на Атина, а не ја консултирал ниту за законот за јазиците.

– На бугарските пратеници им е доставен на таен увид договорот, а ние немаме увид. Денеска се гласаше и против тоа да има собраниска расправа за ова прашање. Бараме консултации со другите партии, за постигнување национален и државен консензус за проблемите со Бугарија и со Грција – рече Димовски, кој побара опозацијата да биде консултирана и за Законот за јазиците.